Создавање поодржлива и поеколошка иднина
🌿🌍 Во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, нашите ученици активно се вклучија во едукативни и практични активности насочени кон одржливо искористување на органскиот отпад и развој на иновативни еколошки решенија.
🍇🧪 Дел од активностите се реализираа во Отворената градска биотехнолошка лабораторија, каде учениците имаа можност преку практична работа и истражување да се запознаат со современи пристапи за трансформација на био-отпадот во корисни производи.
Преку истражувачката работа, учениците ја разгледуваа можноста за примена на комињето од грозје, како отпаден материјал од винската индустрија, за добивање природни антоцијани. Овие природни пигменти имаат способност да ја менуваат бојата во зависност од pH-вредноста, што овозможува нивна примена како индикатори за свежина на храната.
♻️ Особено внимание беше посветено на идејата за вградување на овие природни соединенија во биоразградливи пакувања, кои би можеле да сигнализираат промени кај прехранбените производи и истовремено да придонесат за намалување на употребата на пластика.
🌱 Со оваа активност, учениците ги продлабочија своите знаења од областа на природните науки, биотехнологијата и заштитата на животната средина. Истовремено, развиваа истражувачки дух, креативност и свест за значењето на циркуларната економија.
✨ Ова искуство претставува убав пример како преку знаење, практична работа и иновативно размислување, младите можат да придонесат кон создавање поодржлива и поеколошка иднина.
👩🏫👨🏫🧪🌿Ученици кои учествуваа
– Максим Станоев 8А
– Дариа Алексовска 9Б
– Калин Ѓуровски 7Б
– Михаил Ангелов 7А
👩🎓👨🎓♻️ Одговорни настаници
– Даниела Радевска (биологија)
– м-р Даниел Николовски (хемија)
