Најдобар наставник во регионот
Д-р Милица Патраклиева е добитник на наградата „Најдобар наставник во регионот“, која ја доделува Асоцијацијата на најдобри наставници и лидери во регионот. Оваа Асоцијација ги собира едукаторите, наставниците и професорите од шест земји од просторот на поранешна СФРЈ, со цел подобрување на образованието во регионот преку меѓусебна соработка и поддршка.
Асоцијацијата е основана во 2018 година од финалистите на престижната Глобална награда за наставници, Жељана Радојичиќ Лукиќ од Србија и Весела Богдановиќ од Северна Македонија. Инспирирани од нивното меѓународно искуство, тие решија да ги обединат образовните професионалци од Балканот и да создадат мрежа што ги промовира вредностите на извонредност, иновација и чесност во образованието.
Наградата „Најдобар наставник во регионот“ се базира на јасно дефинирани критериуми, автентични и сосема различни од која било друга национална или глобална награда за наставници. Кандидатите аплицираат по сопствена иницијатива, пополнуваат прашалник за нивната работа и доставуваат придружна документација. Вкупно има 27 критериуми, а кандидатите кои исполнуваат најмалку 15 влегуваат во потесен избор.
Во осмата генерација беа избрани 20 финалисти, кои беа поканети да учествуваат на регионалната конференција „Светот на образованието ги брише границите“, што се одржа од 1 до 4 Мај 2025 година во Охрид. За време на конференцијата, покрај професионалните презентации и работилници, беше спроведен и дополнителен вид на селекција – таканаречената „тивка проценка преку присуство“, која се спроведува преку директно учество на кандидатот, професионална комуникација, соработка и целокупен ангажман за време на настанот.
Врз основа на комбинираната проценка на документацијата и увидот во работата за време на конференцијата, експертскиот тим на Асоцијацијата оваа година додели признание на десет извонредни наставници од регионот, меѓу кои:
Д-р Милица Патраклиева, која е еминентен наставник по географија со повеќе од 30 години искуство во образовниот процес. Во текот на својата богата кариера се истакнува како вистински пример за професионалност и посветеност во наставата, а учествувала во бројни домашни и меѓународни обуки, конференции, проекти поврзани со настава, комуникации, лидерство, менаџмент и иницијативи за унапредување на образованието. Се јавува како автор на стручни и научни трудови, рецензент и коавтор на учебници.
Добитник на бројни сертификати, домашни и меѓународни признанија за својот придонес во образованието.
Во текот на својот професионален развој се здобила со научен степен Доктор по менаџмент во образованието и со звање Наставник ментор во ООУ „Лазо Трповски“.
Со својот труд, знаење и ентузијазам, остава длабока трага кај генерации ученици и колеги.

