Третоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ со признанија од Њујорк, САД
Чет, 19/12/2024
Шеснаесет третоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ Магдалена Ќурчинска, Андреа Славковска, Ирис Граоркоска, Петрит Адеми, Нора Муфтарова, Јован Симовски, Илина Наумоска, Антонио Ѓорѓевиќ, Давор Гавриловски, Ѕен Иљовски, Филипе Георг Вучков, Ана Тренчовска, Дарија Димоски, Лина Јаневска, Лукас Трајковски и Мила Синадинова, предводени од одделенската наставничка Ирена Грегориќ и предметниот наставник Стефан Симовски со свои ликовни творби учествуваа на 27. Меѓународен ликовен натпревар „Пријатели на мирот 2024“ во Васек, Њујорк, САД. Годинава со свои ликовни творби на овој меѓународен натпревар учествуваа повеќе од 4500 деца од 123 земји. Темата на годинашниот ликовен натпревар кој традиционално се одржува во Њујорк беше “Љубовта почнува со мене“. ООУ „Лазо Трповски“ четврт пат едноподруго учествува на овој реномиран натпревар. Целта на овој глобален проект кој изминативе 27 години се реализира под покровителство на УНИЦЕФ е поттикнување на свеста кај децата ширум светот (на возраст од 5 до 16 години) за креативно изразување. Оваа меѓународна програма има за цел да ги поттикне децата преку креативни активности да бидат посветени кон промовирање на мирот и создавање иднина во која ќе владеат хармонија и меѓусебно разбирање. Ликовните творби и на учесниците ООУ „Лазо Трповски“ ќе бидат изложени на светската изложба која следната година ќе се одржи во Њујорк. Стефан Симовски |