Посета на ИЗИИС

Ученици од петтите одделенија при ООУ „Лазо Трповски“, Скопје, во организација на професорката по географија и природни науки, училишен ментор Милица Патраклиева заедно со одделенските раководители Александра Петровска, Елисавета Лафчиска, Дијана Петреска и образовните асистенти, реализираа посета во просториите на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија - ИЗИИС и расположливите лаборатории за динамички испитувања.
Во рамки на предметната програма по природни науки како и едукацијата од страна на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија им се овозможува на учениците да научат одредени содржини и да изградат неопходни вештини за адекватен одговор во итни ситуации. Предавачите од Институтот им објаснија на учениците зошто е важно редовно да се спроведуваат едукации и вежби за евакуација.
Со богато илустративна презентација и значителен број на информации, фотографии и видео материјал, учениците беа запознаени со доминантните ризици на подрачјето, справување пред, за време и по земјотресот. Учениците покажаа високо ниво на интерес за предметната материја и активно учествуваа во работилницата, со прашања и одговори.
Учениците ја вежбаа процедурата што да прават ако се случи земјотрес, а тие да се во училница. Имаа симулација на земјотрес, учеа да останат мирни, да се оддалечат од прозорецот, подалеку од се што може да падне врз нив.
Што се земјотресите, колку сме изложени на нив, кој е ризикот од земјотреси со кој живееме, колку нашите згради се безбедни, концепти на земјотресно инженерство и што треба да направиме во случај на земјотрес... се само неколкуте теми на кои се разговараше со учениците. Голема благодарност до Проф. д-р Марија Витанова, наш родител за нејзината поддршка и меѓусебната соработка.
Училиштата им обзбедуваат на децата посебна заштита и затоа е неопходно да се развијат посебни вештини и знаења кај нив, со акцент на реагирање во итни ситуации. Учениците ќе имаат можност да учествуваат и во понатамошните едукативни активности во соработка со ИЗИИС.