Свечено врачување награди

Директорот на АЦВ, Драги Стојаноски, им ја врачи наградата на учениците од ООУ „Лазо Трповски“
 
На 31 октомври годинава директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски, на наградените ученици од ООУ „Лазо Трповски“ им ја врачи наградата освоена во Берлин на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2024.
Имено, заедничкиот проект минатата учебна година изготвен од учениците од 4в одделение (сега се петтоодделенци) Летаме со ербас“ беше координиран од двајца наставници во својство на ментори Александра Неделковска Петровска и Стефан Симовски.
На директорката на училиштето, Соња Јовановска, покрај тоа што и беше врачена наградата која ја освои училиштето, директорот Стојаноски и додели плакета во знак на благодарност и поддршка за несебичната промоција на Македонија од страна на училиштето изминатава деценија на овој реномиран натпревар, кој традиционално се одржува во главниот град на Германија.  Во оваа пригода директорот Стојаноски порача: „Оваа плакета се надевам ќе преставува дополнителен поттик за вас како млади луѓе да продолжите со вашата мисија, која значи интерес, желба и страст воздухопловството да стане вашата идна професија, која ќе ви озможи да го допрете небото и да ги почувствувате адреналинот и возбудата кои ги нуди само безграничното воздушно синило.
На овој свечен чин директорот Стојаноски честитајќи им го успехот меѓу другото рече: „Вашата посветеност од најмлади години да учествувате на меѓународни натпревари, со воздухопловен предзнак, за Агенцијата за цивилно воздухопловство  претставува вистинска гордост, бидејќи вашите креативни дела директно влијаат на промоцијата на државата и на македонското цивилно воздухопловство пред домашната и меѓународна јавност. Едновремено ни дава надеж, нам како воздухопловни власти, дека сме предизвикале интерес кај вас како млади луѓе, за оваа исклучително важна, специфична и професија на иднината.
Верувам дека вашите креативни дела, како што се макети на воздухоплови во моментов изготвени од различни материјали, еден ден ќе се најдат во вашите раце во нивната вистинска големина и импозантност. Едновремено и посакувам, еден ден, голем број од вас да застанат зад кормилото на ЕРБАС, Боинг…или пак да се вклучат во воздухопловниот персонал кој ќе го управува леталото, да посакаат да се вклучат во изработката и одржувањето на овие летала и низа други професии кои ги нуди воздухопловниот сектор. Можеби ќе имате интерес и за влез во возухопловниот сектор, преку надзор и контрола над сигурноста и безбедноста на воздухопловите и патувачката јавност“.
Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузната конференција за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони „Ербас“).
Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение годинава ја донесе деветчлено стручно жири составено од претставници на организаторот Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, универзитетски професори (астрофизичари), наставници, германски владини претставници, германски парламентарци, медиумски работници и претставници на концернот Ербас.
Подетални информации во врска со натпреварот може да најдете на официјалната веб-страница на организаторот на натпреварот www.skyfuture.de
Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ го реализираше како воннаставна активност.
 
Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик