Проект на четвртоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ награден во Берлин
Пон, 03/6/2024
Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2024 кој традиционално се одржува во Берлин, Германија. Заедничкиот проект изготвен од учениците од 4в одделение „Летаме со ербас“ беше координиран од двајца наставници во својство на ментори Александра Неделковска - Петровска и Стефан Симовски. Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузната конференција за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони „Ербас“). Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение годинава ја донесе деветчлено стручно жири составено од претставници на организаторот Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, универзитетски професори (астрофизичари), наставници, германски владини претставници, германски парламентарци, медиумски работници и претставници на концернот Ербас. Подетални информации во врска со натпреварот може да најдете на официјалната веб-страница на организаторот на натпреварот www.skyfuture.de Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ го реализираше како воннаставна активност. Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик |