ООУ „Лазо Трповски“ освои награда во Јапонија
Сре, 01/11/2023
ООУ „Лазо Трповски“ е наградено во екипна конкуренција на училишта на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2023, во Токио, Јапонија. Наградата е освоена во силна конкуренција: Годинава на натпреварот учествуваа 20 674 учесници од 168 земји. ООУ „Лазо Трповски“ 13. пат едноподруго, учествува на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија, на кој досега има освоено три награди (2015, 2016 и 2021 година). Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ во главниот град на Јапонија. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО. Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија. Годинава на овој реномиран натпревар, на кој учествуваат учесници од речиси цел свет со свои лични творби, напишани во форма на есеј на тема „Младите како идни креатори на мир во светот“, на училиштето награда му донесоа седумте ученици: Лара Станчева, Тамара Ѓоќеска, Атанас Стаматовски, Берк Ѓунеш, Стефан Митревски, Миа Хаас и Галена Стојановска предводени од менторот, предметниот наставник по германски јазик, Стефан Симовски. Повеќе информации во врска со натпреварот може да најдете на веб-страната на организаторите www.goipeace.or.jp Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик |