GLOBE настан по повод Денот на планетата Земја 22.04.2023 год.
ООУ „Лазо Трповски“ е дел од светската научна и образовна програма за Глобално учење и набљудување во полза на животната средина, што се имплементира на глобално ниво од страна на Канцеларијата за имплементирање на Програмата GLOBE во рамките на Универзитетската корпорација за атмосферски истражувања (UCAR) во САД. На 20.04.2023 година во Клубот на пратеници во Скопје се одржа GLOBE Настан по повод Денот на планетата Земја 22 април, под мотото „Инвестираме во знаењето - се грижиме за планетата“, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање. На настанот имаше изложба на постер презентации изработени од ученици кои се вклучени во ГЛОБЕ програмата и практична демонстрација на GLOBE протоколите. Присутните ученици беа запознаени и со работата на државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух, се говореше за неопходноста и за придобивките од редовното и навремено следење на квалитетот на воздухот. Од ООУ „Лазо Трповски“ земаа учество учениците Дарио Карамачовски, Атанас Стаматовски, Филип Јовановски и Георги Климоски, кои се претставија со постер на тема: „Ефект на стаклена градина“ под менторство на д-р Милица Патраклиева, професор по географија и училишен координатор за GLOBE програмата, како и Даниел Николовски, професор по хемија. Целта на овој настан е подигнување на нивото на свест и знаења за зачувување и унапредување на животната средина, и да се укаже на последиците од загадувањето на водата, воздухот, почвата како и исцрпувањето на енергенсите на планетата Земја. На настанот се одбележа важноста према животната средина согледана преку GLOBE програмата. GLOBE програмата претставува меѓународен проект за заштита на животната средина каде преку едукација на учениците се комбинираат науката, образованието и технологијата на меѓународно ниво, во функција на осознавање на животната средина. Ефикасното реализирање на GLOBE Програмата овозможува едукација на учениците за потребите од информации за состојбата, квалитетот и перспективата на животната средина и одржливиот развој, овозможува стекнување на практично искуство и придонесува за унапредувањето на образовниот систем. д-р Милица Патраклиева Училишен координатор за GLOBE програмата |