Меѓународен ден на мајчиниот јазик
Денеска го прославуваме меѓународниот ден на мајчиниот јазик 21 февруари, прогласен од УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година. Во 2000 година 21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам. Мотивацијата за тоа прославување е немилиот настан во Бангладеш во кој многу луѓе ги изгубиле своите животи борејќи се за својот мајчин јазик. Во декларацијата на УНЕСКО за културна разновидност, меѓу другото, е наведено правото на секоја личност да се изразува на јазик што ќе го избере, а особено на мајчин јазик. Славењето на Денот на мајчиниот јазик би требало да нè потсети за грижата за својот јазик, но и да ни укаже за присуството на други јазици. Ако разговараш со некој на јазикот што го знае, ќе допреш до неговиот ум. Ако зборуваш со некој на неговиот јазик, ќе допреш до неговото срце. Јазикот го означува човековиот културен идентитет. Нема нешто поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик. Јазикот е непресушен извор, кој треба постојано да се негува и пред се да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Јазиците кои се зборуваат во една земја пренесуваат култура, вредности и традиција, затоа играат огромна улога во создавањето одржлив развој и иднина. По тој повод денеска во нашето училиште имавме работилница во која учениците истражуваа за мајчиниот јазик и свечено чествување во школскиот Клуб „Фонтана“ под менторство на наставничката по македонски јазик Елена Тодоровска. Учениците своето обраќање го завршија со тоа што на сите им порачаа: Да го негуваме нашиот јазик со тоа што ќе го научиме! Сакајќи си го својот јазик, ќе ги сакаме и почитуваме и другите јазици. СЕКОЈ ЈАЗИК Е НЕЧИЈ МАЈЧИН ЈАЗИК. Директорката на училиштето Соња Јовановска, им се обрати на учесниците во работилницата со зборовите: „Јазикот треба најмногу од се да го негуваме, да го развиваме, да го употребуваме на правилен начин, да читаме многу, да го осовременуваме и да не го оставиме да заталка во нас.“ Нека ни е честит Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. |