Учесниците во меѓународниот проект за заштитата на биолошка разновидност гости на Шумарскиот факултет

Учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ во меѓународниот еко-проект во Хамбург за заштита на биолошката разновидност на 11 мај 2022 година беа гости на УКИМ Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг Ханс Ем во Скопје. Еко-проектот учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ го реализираа во соработка со Катедрата за ботаника и дендрологија на факултетот.

За време на посетата на факултетот учениците имаа можност во друштво на професори и асистенти од факултетот да го разгледаат дендропаркот и да ги видат различните видови дрвја и растенија кои растат во него (голем дел од нив претставуваат автохтони видови кои растат во шумските предели во Македонија), како и да се запознаат со ентомолошката збирка (инсекти што живеат во Македонија) и збирките на животни и птици кои живеат во шумите во Македонија.

Имено, проектот на учениците од одделение од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје „Инвазивни растенија и животни во општина Карпош по течението на реката Вардар“, координиран од двајца наставници во својство на ментори, Даниела Радевска и Стефан Симовски, стана дел од глобалната акција за заштита на биолошката разновидност со седиште во Хамбург, Германија.
Организатор на оваа глобална акциска мрежа се германската секција на ГЕО и еколошката фондација „Хајнц Зилман“. Оваа меѓународна и пред се` глобална акција за заштита на видовите традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на биодиверзитетот. Годинава учествуваат околу 17 000 учесници од Европа со околу 800 проекти. Главната задача на учесниците во овој глобален проект е колку што е можно подетално да ја проучат биолошката разновидност и потребата од заштитата на видовите во своето непосредно опкружување и да ја документираат со цел да дадат автентични информации за фактичката состојба. Целосно изготвениот проект на германски јазик пред да биде реализиран мора да биде прифатен и одобрен од организаторот.

Инаку ООУ „Лазо Трповски“ со овој еко-проект минатата учебна година конкурираше на распишаниот конкурс за поддршка на училишни еко-проекти од Фондот за иновации и технолошки развој, но без издржано образложение еко-проектот на училиштето беше одбиен од страна на Фондот.
Стефан Симовски