Прием кај претседателот на Македонија

Пендаровски: „Гордост за државата е наградата што во Јапонија ја доби ученичката Лара Станчева
 
На 12 јануари годинава наградената ученичка Лара Станчева заедно со нејзиниот ментор, предметниот наставник по германски јазик, Стефан Симовски, и директорката на училиштето Соња Јовановска беа примени во кабинетот на претседателот во вила Водно од претседателот на Македонија, господинот Стево Пендаровски. 
Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, на ученичката Лара Станчева ѝ упати честитки за освоеното трето место на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија, кој се одржа минатата година, оценувајќи дека освоената награда е гордост за целата држава, имајќи ја предвид силната конкуренција и големиот број учесници на натпреварот од целиот свет.
На реномираниот натпревар во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија, што се одржа во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието", Станчева наградата ја освои во конкуренција на 28.217 учесници од 161 држава.
Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Смислата на животот" училиштето на овој реномиран меѓународен натпревар, покрај Станчева, го претставуваа уште две ученички, Милена Милошевска и Тамара Ѓоќеска, под менторство на предметниот наставник по германски јазик, Стефан Симовски.
ООУ Лазо Трповски од 2011 година континуирано учествува на натпреварот и досега има освоено две награди, но освоеното трето место на Лара Станчева е најголем успех што досега Македонија го има постигнато на овој реномиран натпревар во оваа возрасна категорија (деца до 14 години).
 
Стефан Симовски