Доделување на стипендии за учебната 2020/21 година
Сре, 23/12/2020
Нивните имиња осум години се провлекуваат низ училишните настани за истакнати и наградувани ученици. Сите четворица успешни на свој начин, а дел од една целина од една паралелка. Авиа Брајн, Руфческа Јана, Руфчески Павел и Тримоски Филип - ученици од 8а одделение, се дел од вкупно 25 ученици од основните училишта во Карпош (од осмо и деветто одделение) кои ќе добиваат стипендии, затоа што ги исполнија условите од Јавниот повик кој го распиша општината. Денеска, на спортско – рекреативниот центар во ООУ „Лазо Трповски“ се доделија решенијата на учениците, кои ќе добиваат по 2.500 и 3.000 денари. Стипендиите ги добиваат талентирани ученици, со постигнати успеси во знаење и стекнати сертификати од релевантни натпревари, како и ученици – успешни спортисти. Истите, имаат за цел да ги мотивираат најмладите да бидат уште поуспешни во основното образование. Градоначалникот Стефан Богоев ги поздрави учениците и им честиташе за постигнатиот успех: „Паричните средства можеби не се премногу големи, но навистина е реткост млади луѓе, на Ваши години, на еден начин да „заработуваат“ свои пари надвор од она што родителите Ви го даваат. Цела година учите во навистина специфични услови и затоа овие стипендии за кои се изборивте имаат уште поголема вредност за Вас и Вашите родители“. |