Драгана Тодорова – компетенции за акција
Вто, 03/11/2020
Успесите на нашата поранешна ученичка се потврда на нашата посветеност да создадеме независни, критички и демократски ориентирани личности со вештини и компетенции за акција, одговорност и храброст за постигнување успеси. Драгана Тодорова е една од најдобрите ученички од ООУ „Лазо Трповски“, која е добитник на над 30 дипломи, признанија, пофалници и благодарници во речиси сите полиња на училишните активности по предметите: биологија, математика, физика. Уште како ученичка во нашето училиште посебно се истакнуваше со својот талент за музика и добитник е на голем број награди со училишниот хор, но и со награди за самостојни изведби на општинскиот музички натпревар Златен глас. Под раководство на проф. Александра Коцевска, освои прво место на Меѓународниот натпревар по соло-пеење „Полихимнија“, а и подоцна како ученичка во СУГС „Орце Николов“, Скопје, добитник е на прво и на второ место на Меѓународниот натпревар по соло-пеење „Меморија Душан Протиќ“, којшто се одржува во Белград, Р Србија. Автор е на сказната во стихови „Морска кавга“, објавена 2014 година, а љубовта кон пишаниот збор и донесе второ и прво место на конкурсот „Приказни од холокаустот“. Својот талент за ликовната уметност го искажува на нејзината страница на социјалната мрежа Инстаграм Ди арте. Својата хумана природа ја истакнува со своите учества во хуманитарните акции што ги поддржуваше училиштето, а денес е и волонтер во Црвениот крст - Општинска организација на Општина Центар. Драгана Тодорова е извонредна личност со високо развиена свест за потребата од постојан личен развој и доживотно учење. |