Ден на Светското културно наследство
Проект за мултикултура по повод одбележување на Денот на Светското културно наследство 18 април Учениците од ООУ "Лазо Трповски" и ОУ „Лирија “ беа вклучени во проектот: Заеднички да го одбележиме Денот на светското културно наследство – 18 Април, во организација на Здружението за мултикултура Заеднички визии, поддржано од Град Скопје. Преку овој проект се развива позитивен однос кон културното наследство, традицијата, обичаите и развивање на свеста за надминување на културните разлики. Негување на љубовта кон културното наследство, традицијата и обичаите на различни етникуми во Р.Македонија, препознавање на различните културни споменици како посебен симбол на мултикултурата, почитување и сочувување на различните културни традиции преку литературно и ликовно изразување. Заеднички да истражуваат и изработат презентации, литературни и ликовни творби за мултикултурното наследство, не само во градот Скопје туку во цела Р.Македонија. Ќе развијат чувство на самопочит, почит кон другите, толеранција и создавање на интеркултурна комуникација и ќе ги научат меѓусебните сличности и разлики на етникумите за создавање на успешен соживот и перспектива за развој на културен туризам. Во реализација на овој проект земаа учество по 60 ученици од ООУ „Лазо Трповски“ и ОУ „Лирија“ - Скопје. Се одржа предавање на тема „Светско културно наследство“, се дебатираше и имаше прекрасна атмосфера. Се распиша награден ликовен и литературен конкурс на тема: „Културното наследство е наша заедничка придобивка и одговорност“. Се организираа географски, ликовни и литературни работилници, под менторство на наставниците д-р Милица Патраклиева (наставник по географија), Соња Јовановска (наставник по македонски јазик), Христина Димковска (библиотекар) и Маре Мановска (наставник по ликовно образование). Преку нив учениците се едуцираа за културното и духовно наследство на Р.Македонија, твореа на своевиден начин и преку создавање на ликовните и литературни творби со мултикултурни елементи го претставија нашето културно богатство онака како што го чувствуваат и ценат. Учениците се анимираа максимално, им беа дадени насоки и голем мотив за истакнување на својата креативност и на автентичен начин го претстават културното богатство. Учениците со големо воодушевување го прифатија учеството во овој културен настан а нивните дела и креации беа изложени во прекрасниот амбиент на Споменикот на културата „Куршумли ан“. Учениците на многу креативен оригинален начин со мултикултурни елементи ги изработија ликовните и литературните творби преку кои покажаа голема љубов кон вистинските вредности на Македонија. За изработка на нивните творби беа користени многу илустрации од културно историски знаменитости на Р.Македонија, културното и духовното наследство, традициите, фолклорот, носиите и обичаите од различни етникуми. Тричлената комисија направи селекција на литературните и ликовните творби подготвени од учениците, кои земаа учество во конкурсот на тема „Културното наследство е наша заедничка придобивка и одговорност“.Тие се истакнуваа по својата оригиналност и креативност. Исто така, подготвија музички и фолклорни точки за да се збогати целокупната манифестација. Учениците се подготвуваа за изложбата на литературните и ликовни творби и креации, илустрирано со слики кои учениците самите ги подготвиле за главната манифестација која се одржа во Споменикот на културата „Куршумли ан“ и слободно дружење на учениците со размена на впечатоците од средбата. Овој културен настан започна на 18.04.2013 година со организиран марш на учениците, облечени во маички со кои ја подигнаа свеста на секој граѓанин заеднички да се одбележи овој голем ден. Се одеше пеш до Музејот на Град Скопје, се делеа флаери и се лепеа плакати со содржини од културното наследство на Македонија. Потоа околу споменикот на Александар Македонски се фатија сите за раце и покажаа дека знаеме да ја негуваме културата и традициите од различни етникуми кои треба да ги пренесуваме во иднина. Според протоколот што беше претходно подготвен, свечената манифестација се одржа во „Кушумли ан“, учениците се претставуваат и објаснуваат што ги мотивирало да ги создадат творбите. Свечено им беа доделени наградите на учениците кои ги прикажаа мултикултурните елементи на оригинален начин. Следеше богата музичка програма во која на оригинален начин се претставуваа учениците со свои музички и фолклорни точки. Учеството во оваа мултикултурна тематика не беше насочено само на едукација за културното наследство туку и зајакнување на свеста за заедничките културни вредности, креативност и уметничко изразување на младите заеднички да се заложат во создавање на успешна интеркултурна комуникација и успешен соживот меѓу различни етникуми. Учениците во пријателска атмосфера приредија извонредна манифестација која имаше меѓуетничка димензија бидејќи колку повеќе знаат за културното наследство толку повеќе ќе се трудат да го пренесат на идните поколенија. Покажаа дека знаат да ја негуваат културата. Преку културното наследство се идентификуваме себе си како држава. Беше истакната потребата овој настан да стане традиција на свечено одбележување на Денот на Светското културно наследство, кој ќе даде голема перспектива за развој на мултикултурата во Р.Македонија. Одговорен наставник: д-р Милица Патраклиева |