Сплотени со зборот
Проектот „Против насилство - под исто небо!“, предводен од група наставници, а поддржан од невладината организација Младински центар за еднакви можности, грантисти на програмата Цивика мобилитас, ја одржа својата активност вклучувајќи две работилници: Сплотени со зборот и Креативниот ум гради толеранција и мир. Настанот беше одржан во ООУ „Лазо Трповски“ во општина Карпош, а учествуваа ученици од различни националности во соработка со ООУ „Лириа“, општина Чаир. Работилниците беа инспирирани од традиционалните фолклорни елементи, преточени во модерна верзија. И тоа пишување речник на македонски, албански, турски и англиски јазик со кои најчесто се комуницира, како и цртање со креирање модни детали од етно-елементи во современ стајлинг кои ќе бидат прикажани на изложба и модна ревија. Со тоа докажаа дека со нови заеднички оригинални активности во училиштата се придонесува за развој на толеранцијата преку креативност и иновативност на учениците од различни етникуми како богатство во развојот на граѓанското општетсво. Заклучокот од овој настан, како една карика од севкупниот проект, беше дека нетолеранцијата може да се сопре со активности кои нудат партнерски здружувања со што се гради духот на мултикултурализам. |